Гладот меѓу Палестинците во опколениот Појас Газа се влошува, соопштија хуманитарните агенции, додека Генералното собрание на Обединетите нации се подготвува денеска да гласа за итен хуманитарен прекин на огнот во двомесечниот конфликт меѓу Израел и Хамас.
Стотици цивили се убиени во израелскиот напад врз Газа откако САД во петокот ставија вето на резолуцијата на Советот за безбедност со која се повикува на прекин на огнот. Повеќето од 2,3 милиони жители на Газа се протерани од своите домови, а жителите велат дека е невозможно да се најде засолниште или храна во густо населената крајбрежна енклава.
Светската програма за храна на ОН соопшти дека половина од населението во Газа гладува.
„Гладот им се заканува на сите“ – објави на УНРВА, тело на ОН одговорно за палестинските бегалци, на социјалната платформа X.
Жителите на Газа велат дека луѓето, принудени да бегаат, умираат од глад и студ, како и од бомбардирања, опишувајќи го грабежот на хуманитарни камиони и вртоглаво високите цени.
Израел вели дека неговите упатства до луѓето да се преселат се меѓу мерките што ги презема за заштита на цивилите додека се обидува да ги искорени милитантите на Хамас кои убија 1.200 луѓе и зедоа 240 заложници во нападот врз Израел на 7 октомври. Оттогаш, околу 100 заложници се ослободени.
Во израелските одмазднички напади врз Газа загинаа 18.205 луѓе, а беа ранети речиси 50.000, според податоците ид Министерството за здравство на Газа.
Генералното собрание на ОН од 193 члена, денеска најверојатно ќе усвои резолуција што е слична на онаа што САД ја блокираа во 15-члениот Совет за безбедност минатата недела.
Резолуциите на Генералното собрание не се обврзувачки, но имаат политичка тежина и одразуваат глобални погледи. Некои дипломати и набљудувачи предвидуваат дека гласањето ќе добие поголема поддршка од повикот на Собранието на ОН во октомври за „непосреден, постојан и одржлив хуманитарен прекин на огнот“.