Пратеничката во италијанскиот парламент Џилда Спортиело, која се бореше да им се дозволи на жените да дојат бебиња за време на парламентарните седници, стана првата жена што го стори тоа.
Аплаузи од сите страни избувнаа во собранието вчера кога Спортијелова, член на Претставничкиот дом, почна да го дои својот двомесечен син при гласањето на закон.
Во претходното свикување таа успешно лобираше за усвојување на правило според кое на жените ќе им биде дозволено да учествуваат во гласање и дебати додека ги дојат своите деца, додека бебињата не наполнат 12 месеци, пренесе АП.
Таа и таткото на бебето, Рикардо Рикарди, се пратеници од популистичкото Движење Пет ѕвезди.
Весникот „Република“ ја цитира Спортиелова дека се надева дека нејзиниот пионерски чин ќе ги инспирира работодавците во Италија да им олеснат на вработените мајки да ги дојат своите бебиња на работа, доколку тоа го сакаат.
„Од денес па натаму, ако највисоките италијански институции дозволуваат работничките да дојат на своето работно место, тогаш на ниту една жена, во која било професија, не може да и се ускрати ова право“, рече Спортиелова.