Италијанската влада во вторник треба да усвои нацрт-закон со кој ќе се забрани индустријата за храна и добиточна храна да користи месо одгледано во лабораторија за да го зачува италијанското „земјоделско прехранбено наследство“.Нацрт-законот, кој го виде Ројтерс, го чека „зелено светло“ на владата, која седницата ја закажа за попладне.
Законот ќе ѝ забрани на италијанската индустрија за храна и добиточна храна да произведува месо „од клеточни култури или ткиво од ‘рбетници“.
Забраната нема да се однесува на производите произведени или продадени во други земји на Европската унија, Турција или Европската економска област (ЕЕА).
Владата на премиерот Џорџија Мелони вети дека ќе ја заштити домашната храна од технолошките иновации што ги смета за штетни и го преименуваше Министерството за земјоделство во „Министерство за земјоделство и суверенитет на храната“.
Министерот Франческо Лолобриџида, еден од најблиските сојузници на премиерот, вели дека лабораториските производи ја загрозуваат традиционалната врска меѓу земјоделството и храната.
Во случај на прекршување на законот, производителите може да бидат казнети со 60.000 евра, а им се заканува и затворање на фабрики, стои во предлог-законот.
Дополнително, производителите може да го изгубат правото на државна поддршка за период до три години.
Забраната за „клеточно“ месо не е единствената иницијатива што ја покрена владата во Рим за да спречи неконвенционална храна да се служи во Италија.
Минатата недела, Мелони објави дека владата подготвува серија регулативи за воведување информативни етикети на производи кои содржат или потекнуваат од инсекти, што се совпадна со дискусиите за употребата на брашно добиено од штурците.
Граѓаните треба да можат да направат информиран избор“, напиша премиерот на Твитер.
Земјоделското здружение Колдирети го пофали планот на владата за забрана на „синтетичката храна“ во вторникот, велејќи дека е потребна за да се заштити домашното производство „од нападот на мултинационалните компании“.
Предлог-законот беше критикуван од здружението за права на животните ЛАВ, кое објави дека месото од лабораторијата, кое се произведува од клетки на живи животни, е добра алтернатива за интензивното одгледување и колење. Таа го нарече законот „идеолошки, антинаучен напад врз напредокот“.