Италија планира да се повлече од кинеската инвестициска иницијатива, попозната како Новиот пат на свилата, до крајот на годинава. Тоа го потврди италијанскиот министер за одбрана Гидо Крозето, пренесуваат италијанските медиуми.
„Одлуката за приклучување кон Патот на свилата беше импровизирана и деструктивна иницијатива на владата на Џузепе Конте. Денеска треба да направиме чекор назад без да ја оштетиме врската. Затоа што Кина е ривал, но и партнер“, изјави министерот за одбрана Гидо Крозето за италијанскиот весник „Кориере дела сера“.
Италија се приклучи на кинескиот инвестициски проект од повеќе милијарди долари, познат и како Новиот пат на свилата, во 2019 година како прва меѓу високо развиените индустриски земји. Досега овој потег не доведе до значајни конкретни проекти во Италија. актуелната премиерка Џорџија Мелони уште пред да победи на минатогодишните избори најави дека нема да го продолжи учеството на Италија во иницијативата.
Како што јави австриската агенција АПА, од Рим се слуша дека растечките тензии меѓу Пекинг и Вашингтон, и поради односот на Кина кон Русија и поради политиката на Кина кон Тајван, значат дека економските врски со азиската суперсила значат преголем ризик. . Според извештаите на медиумите, се очекува и САД да го повикаат Рим да заземе став за инвестициската иницијатива на Кина.