Рускиот претседател Владимир Путин планира да изгладне некои земји во светот за да ја добие војната што започна во Украина, тврди историчарот од престижниот американски универзитет Јеил, Тимоти Снајдер.
Во долгата објава на Твитер, Снајдер објасни дека верува оти Путин ја користи нестабилноста на синџирот на снабдување со храна во своја полза, нарекувајќи ја таквата стратегија „последното поглавје во политиката за глад“, објави Business Insider.
„Русија има план да создаде глад. Владимир Путин се подготвува да изгладне голем дел од земјите во развој како дел од следната фаза од неговата војна во Европа“, напиша Снајдер, професор на Јеил и експерт за тоталитаризам. Тој ја истакна важноста на украинскиот извоз на храна за глобалниот синџир на снабдување.
Областа околу Црното Море, која ги опфаќа Русија и Украина, често се нарекува „житница на Европа“ поради нејзината плодна земја и високите стапки на производство на жито. Вкупно, дури 30 отсто од светскиот извоз на жито доаѓа од овие две земји. Само Украина произведува околу 12 отсто.
Експертите претходно за Business Insider изјавија дека прекинот на извозот од областа може да има катастрофални последици за земјите како Јемен, кои до неодамна увезуваа дури четвртина од своето жито од Украина. Украина ја обвини Русија за блокирање на извозот на милиони тони жито од пристаништата, што Кремљ го негираше.
„Ако руската блокада продолжи, десетици милиони тони храна ќе скапуваат во силоси, а десетици милиони луѓе во Африка и Азија ќе умрат од глад“, рече Снајдер.
Историчарот смета дека „планот за глад“ на Путин има три главни цели. Прво, сака да го блокира украинскиот извоз за да ја уништи украинската државност. Второ, сака да создаде нестабилност во Европа со создавање бран бегалци од области кои се потпираат на храна од Украина, како Северна Африка или Блискиот Исток. И на крај, Снајдер вели дека Путин сака да создаде масовно гладување како „позадина за пропагандна трка“.
„Кога ќе започнат масовните немири поради недостигот на храна, додека се шири гладот, руската пропаганда ќе ја обвини Украина, ќе повика на признавање на руското освојување на Украина и ќе ги укине сите санкции“, напиша Снајдер.
Тој предупредува дека и Јосиф Сталин и Адолф Хитлер во минатото сакале да го контролираат снабдувањето со храна во Украина, но дека планот на Путин е „ново ниво на колонијализам“.
„Русија планира буквално да ги изгладнува Африканците и Азијците за да победи во војната во Европа“, рече тој.
Путин го обвини Западот за проблемите со храната, барајќи да се укинат санкциите наметнати на Русија. Британија го обвини дека „се обидува да го држи целиот свет во заложништво“.
Војната во Украина беснее уште од инвазијата на Русија на 24 февруари. Откако не успеаја да го заземат главниот град на Украина Киев, Русите ги пренасочија своите сили во источниот регион Донбас, но украинските власти оваа недела предупредија дека им треба повеќе оружје.