Спорните закони за родова еднаквост и за матична евиденција во Собранието се повлечени од понатамошни процедури и за ова ѝ честитаме на Владата за преземањето на таквиот чекор, соопшти денеска Исламската верска заедница (ИВЗ), истакнувајќи дека е против донесувањето на таквите закони и дека нејзиниот став е „заштита на традиционалните семејни вредности и по структура и по морал“.
ИВЗ, како што се наведува во соопштението, и порано излезе со став дека ја поддржува одлуката на сите поглавари на верските заедници во земјава, која дојде како резултат на заедничката средба од 7 мај годинава, при што беше истакнато дека законите за кои станува збор се спротивни на религиозните принципи и тие нема да бидат поддржани.
„Заштитата на семејството и човечкиот ген е основен принцип од кој не можеме да се оградиме, бидејќи тоа е сржта на здравото општество. Историски гледано, во минатото, во моментов и во иднина, ИВЗ секогаш ќе застане во одбрана на националните, верски, морални и духовни вредности, бидејќи заштитата на овие вредности е верска обврска за заштита на човечкото општество. Секоја иницијатива, која било идеја или правен принцип што е во спротивност со човековата природа е неприфатлива за ИВЗ. Според информациите со кои располагаме, спорните закони во Собранието се повлечени од понатамошни процедури и за ова ѝ честитаме на Владата за преземањето на таквиот чекор“, се наведува во соопштението од ИВЗ.
Плусинфо побара потврда од Владата дали и кога се повлечени предлог-законите за родова еднаквост и за матична евиденција, но до објавување на текстот не добивме одговор.
ФОТО: EPA / GEORGI LICOVSKI