Војната во Израел има свои последици во Црвеното Море и Индискиот Океан каде се случија неколку инциденти во саботата. Иранско беспилотно летало погодило танкер за хемикалии во Индискиот океан, а пожарот на бродот е изгаснат, соопшти американската војска. Станува збор „Хем Плутон“, „танкер со хемикалии под знаме на Либерија, во јапонска сопственост и управуван од Холандија“, соопшти Пентагон.
Нападот се случил во 10 часот по локално време на 370 километри од брегот на Индија и нема жртви, пренесе Би-Би-Си.
Претходно, фирмата за поморска безбедност „Амбри“ рече дека бродот е поврзан со Израел и се движел од Саудиска Арабија кон Индија. Иран не коментираше. САД го обвинија Иран дека е длабоко инволвиран, а американскиот портпарол за национална безбедност Адриен Вотсон рече дека Иран има долгорочна мисија да ги охрабрува и материјално да ги поддржува Хутите да го дестабилизираат регионот.
Подоцна, командант на иранската револуционерна гарда предупреди дека ќе принуди затворање на водните патишта освен Црвеното Море доколку „Америка и нејзините сојузници продолжат да вршат злосторства“ во Газа.
Многу големи светски бродски групи веќе ги прекинаа операциите во Црвеното Море поради зголемениот ризик од напади.
Исто така во саботата, милитантната бунтовничка група Хути во Јемен истрелале две противбродски балистички ракети во јужниот дел на Црвеното Море, но ниту еден американски брод не пријавил дека бил погоден, соопшти Централната команда на САД. Од друга страна, американскиот воен брод УСС Лабун кој патролира во областа собороил четири беспилотни летала кои потекнуваат од областите во Јемен. Подоцна, истиот танкер за сурова нафта пријавил дека бил погоден од дрон на Хутите, додека друг танкер бил промашен.
Американската воена команда објави и дека „Саибаба“, габонски танкер кој пловел под индиско знаме, бил погоден вчера во Црвеното Море во напад на беспилотни летала испукани од бунтовниците Хути од Јемен, додавајќи дека нема повредени.
Беспилотното летало испратено од Хутите го гаѓало и танкерот „Бламанен“ кој пловел под норвешко знаме и за малку ќе го погодел, додаде Централната воена команда на САД.
Според Центком, ова се 14-ти и 15-ти напад на јеменските бунтовници на бродови во Индискиот Океан од 17 октомври.
Бриганскиот генерал Мохамад Реза Накди рече дека нападите со дронови би можеле да ги вклучат и Средоземното Море и Гибралтарскиот теснец – но не понуди детали како тоа ќе се случи.
фото: МИА