Иранската актерка Таране Алидусти (38) беше ослободена од притвор каде што беше задржана три недели поради изразување солидарност со Иранец кој беше погубен поради неговата поврзаност со антивладините протести во таа земја.
Агенцијата ИСНА објави дека Алидусти, ѕвездата на оскаровецот „Продавач“ е ослободена со кауција.
Алидусти е една од ретките познати личности во Иран кои јавно ги поддржаа протестите и ја критикуваа владата за насилно задушување на демонстрациите.
Таа објави три пораки за поддршка на демонстрантите на Инстаграм, од кои едната беше израз на солидарност со демонстрант кој чекаше да биде погубен, а потоа нејзиниот профил беше деактивиран.
Смртта на 22-годишната Махса Амини, која беше уапсена затоа што, наводно, не носела хиџаб правилно, предизвика масовни протести во Иран и ширум светот започна бран на солидарност со демонстрантите.
Демонстрациите се претворија во антивладини демонстрации и станаа еден од најсериозните предизвици за иранските власти од Исламската револуција во 1979 година. Според официјалните податоци, во протестите загинале над 300 лица, а невладините тврдат дека бројот на загинати е над 480.
Поради нивната поврзаност со протестното движење, две лица беа егзекутирани, а активистите велат дека уште 10 лица биле осудени на смрт во судски процеси затворени за јавноста. Уапсени се 18.200 луѓе.