Инфлацијата во еврозоната паѓа, но со премногу бавно темпо. Европската централна банка ј(ЕЦБ) а зголеми референтната каматна стапка за уште 25 базични поени.
Американската централна банка (ФЕД), пак, ја зголеми основната каматна стапка за четвртина процентен поен, објаснувајќи дека инфлацијата не запира и дека нејзиниот раст продолжува.
Ова е највисоката каматна стапка во последните 20 години.
Експертите проценуваат дека каматните стапки во Европа ќе растат до крајот на првата половина на 2024 година, а за потоа не се зна точно што ќе се случува.
Од друга страна, се очекува Американската централна банка (ФЕД) да ги намали каматните стапки пред Европската централна банка (ЕЦБ), што би требало да доведе до зајакнување на еврото во однос на доларот.
Поради геополитичките тензии и војната во Украина, но и поради фискалната експанзија и недостигот на работна сила, Европа, за разлика од САД, е помалку независна од енергија и од храна. Економското закрепнување ќе биде побрзо во САД отколку на Стариот континент.
Тоа се виде и кога оваа година ФЕД успешно тестираше 23 банки. , Откако успешно го поминаа годишниот „стрес тест“, најголемите американски банки најавија зголемување на дивидендите.
Каматите се високи и во Македонија. Традиционално, македонската фискална и монетарна политика ја следи европската, но банките се стабилни и добро капитализирани.
Како да се однесуваат граѓаните во вакви околности?
Граѓаните особено треба да внимаваат кога е вистинското време за земање краткорочни и долгорочни кредити.
– Периодот на високи камати не е пожелно време да се земе кредит. Кога растат каматните стапки, поскапува позајмувањето пари, односно поскапуваат и кредитирањето и инвестирањето. Внимавајте, банкарите и самите мора да размислуваат како бизнисмени – подобро е со парите на своите акционери да купуваат државни обврзници со камата од 5 отсто, каква што сега се нуди, одошто да нудат евтини кредити со камата од 4 отсто, на пример. Според тоа, паметно земање кредит значи да се подготвите и да реагирате во моментот на очекуваниот пад на каматите – вели експерт за персонални финансии за Плусинфо.
Во меѓувреме, тие што имаат готови пари на располагање, треба да ги вложуваат во недвижности, во инвестициско злато, во акции во банките и во успешните компании, како и во паметните пакети за животно осигурување, на пример.
Што се однесува до штедењето, експертите традиционално советуваат да се штеди во денари, бидејќи така ќарот е најголем, а македонската валута е стабилна.
– Тоа е добар совет, но јас тука би додал една битна нијанса. Не е баш најпаметно еврата да се претвораат во денари за штедење. Треба да се почека, бидејќи трендовите се такви што американската економија сигурно ќе закрепне побрзо од европската, а тоа значи дека еврото ќе зајакне во однос на доларот. За луѓето кои се присутни на меѓународните берзи тоа ќе биде сигнал да го свртат погледот кон американските компании, но за тие што располагаат со евра „под перница“ или во банките тоа ќе биде добра вест и охрабрување да штедат во евра. Но, да бидеме внимателни и да ги следиме трендовите, бидејќи изненадувањата секогаш се можни – објаснува нашиот експерт.