Илјадници спасувачи ја продолжуваат потрагата по преживеани по силниот земјотрес што во вторникот го погоди Тибет во југозападна Кина. Досега се спасени повеќе од 400 луѓе, а околу 30.000 се евакуирани. Најмалку 126 луѓе загинаа во земјотресот, а илјадници куќи се урнаа.
Епицентарот на земјотресот бил во областа Тингри во близина на границата со Непал. Земјотресот бил со јачина од 6,8 степени, според Кинескиот сеизмолошки центар (CENC), и 7,1, според Сеизмолошката канцеларија на Соединетите држави (USGS). Однесе најмалку 126 животи, а други 188 луѓе се повредени. Повеќе од 3.600 куќи се урнаа, а повеќе од 30.000 жители беа евакуирани.
Во близина на епицентарот изутрината е вратена струјата. 14.000 спасувачи беа испратени во областа и спасија повеќе од 400 луѓе од урнатините. Спасувачите работат и на што поскоро поставување доволен број шатори за евакуираните жители, бидејќи се очекува дополнително опаѓање на температурата. Во Тингра веќе се спушти до -11 степени Целзиусови.
Кинескиот вицепремиер Џанг Гуокинг денеска пристигна во зоната на катастрофата за да ја надгледува операцијата за спасување. Кинескиот претседател Си Џинпинг повика на „сеопфатна потрага и спасување, што е можно помалку жртви, соодветно преместување на погодените жители и обезбедување на нивната безбедност и греење во текот на зимата“, пренесува француската новинска агенција АФП.
Тресењето на земјата по земјотресот во Тингра беше почувствувано и во Непал и делови од Индија, но од таму нема извештаи за последици. Иако земјотресите во регионот поради контактот со тектонските плочи се вообичаени, земјотресот од вторникот беше најсилниот регистриран во радиус од 200 километри во последните пет години, додава CENC.