На овие избори нема да се дозволи поткупот на гласачите, посебно кај онаа категорија ранливи граѓани како што бевме сведоци пред четири години, уверува министерот за труд и социјална политика Ѓоко Велковски во интервју за „Република“.
Тој потсетува дека пред четири години се делеа пакети на одредена група на граѓани и присуство во самите домови на корисниците на таа помош но оти ова сега нема да се повтори.
– За ова има и снимки и докази кои за жал не се процесуираа. Има механизам ова да се спречи. Притисокот треба да биде врз Центрите за социјална работа, бидејќи тие се во директна комуникација со крајните корисници. Сакаме да го спречиме она „јас ќе ги завршам работа“ за туѓа нега или социјална помош. Пораката кон директори на социјална работа, во центрите и во министерството е дека сè што е надвор од закон ќе биде санкционирано – рече Велковски.
Тој посочува дека голем проблем е немањето лиценци за воспитувачки и негователки во градинките и големиот број деца кои чекаат за упис во градинките.
– Потребно е да се донесат измени на Законот за заштита на деца кои ќе овозможат брзо решавање на овие 1.000 барања. Поради ова над 5.000 деца се на листите на чекање за упис во градинките. Ова ќе се реши доколку обезедиме просторни услови и стрчен кадар што ќе се грижи за овие деца. Поради овој проблем 5.000 мајки треба да бидат дома или баби и дедовци да ги чуваат децата – вели Велковски.
Министерот ветува и зголемување на пензиите, но според него, тоа треба да се направи линеарно, а не процентуално.
– Сегашниот систем буди несигурност кај пензионерите. Затоа разговарам со здруженијата на пензионери и тие бараат зголемувањео на пензиите да биде линеарно. Разгледуваме и колку средства имаме во буџетот, во пензионскиот фонд. Состојбата е катастрофална иако не сакам да ги плашиме пензионерите. Но, средства ќе се најдат, ќе реалоцираме средства, со добро менаџирање и домаќинско работење ќе дојдеме до ситуација на пензионерите веќе во првата година да им ги зголемиме пензиите. Она што го разговаравме со лидерот Мицкоски е дека можеме да дадеме зголемување од 5.000 денари на сите пензионери подеднакво. Ова е ветување што ќе го исполниме – вели министерот Велковски во интервју за „Република“.