Може ли воениот конфликт помеѓу Израел и Палестина да има импликации врз Македонија и да ја загрози безбедноста на припадниците на еврејската заедница во земјава?
На оваа тема разговаравме со искусни експерти од сферата на безбедноста и (контра)разузнавањето, кои отворено им порачуваат на припадниците на безбедносните служби да бидат крајно внимателни, бидејќи, како што велат, секогаш постои опасност радикални исламски елементи – индивидуалци или организирани во група – да извршат терористички напади во име на некоја организација или кауза.
Безбедњаците ги советуваат разузнавачкo-безбедносните служби да преземат оперативно-разузнавачки активности во насока на заштита на еврејската заедница во земјава и на еврејските споменици и музеи, поради зголемен безбедносен ризик од евентуални насилни активности инспирирани од конфликтот во Израел.
Како што објаснуваат, голем дел од европските земји веќе активно преземаат мерки за заштита на еврејските споменици и институции, но и покрај тоа, на повеќе места во светот веќе се регистрирани и првите физички напади врз припадниците на еврејската заедница.
ЕВАКУИРАНО УЧИЛИШТЕ НА ЕВРЕЈСКАТА ЗАЕДНИЦА ВО РИМ
Училиште на еврејската заедница во Рим, Италија, утринава е евакуирано како мерка на претпазливост по закана за бомба, јавија италијанските медиуми.
Полицијата го пребарува теренот и проверува дали се работи за лажна тревога, а во меѓувреме ги преместува учениците на безбедно место.
Претседателот Стево Пендаровски најави дека до крајот на месецов ќе свика редовна седница на Советот за безбедност, додека, пак, од Министерството за внатрешни работи (МВР) тврдат дека веќе се преземени сите мерки за превенција од евентуални терористички делувања.
Конфликтот е глобален, но Македонија не е поштедена
Да се преземат оперативно-разузнавачки активности во насока на заштита на еврејската заедница во земјава и на еврејските споменици и музеи, поради зголемен безбедносен ризик од преземање насилни активности инспирирани од конфликтот во Израел.
Поранешниот технички министер за внатрешни работи Наќе Чулев во разговор за Плусинфо забележува дека нашата држава не презема никакви превентивни мерки за заштита на еврејската заедница и на еврејските споменици, иако, како што вели, повеќето европски земји веќе подолго време спијат со отворени очи.
– Треба да посветиме поголемо внимание на тоа што претставува директен безбедносен ризик во моментов, а тоа се импликациите од воениот конфликт помеѓу Израел и Хамас врз Македонија. Знаеме дека во Македонија има верски радикалисти, а и повратници од боиштето, коишто веќе имаат отслужено и затворска казна поради учество во странска војска. Се работи за луѓе со воено искуство стекнато и на боиштата во Сирија, борејќи се од страната на ИСИС. Затоа сметам дека разузнавачко-безбедносните служби заедно со министерот за внатрешни работи треба да обрнат поголемо внимание, односно да преземат оперативно-разузнавачки активности во насока на заштита на еврејската заедница во земјава и на еврејските споменици и музеи, поради зголемен безбедносен ризик од преземање насилни активности инспирирани од конфликтот во Израел. Впрочем, тоа веќе се прави во сите европски земји, каде што веќе се регистрирани и првите физички напади со последици врз припадниците на еврејската заедница – објаснува Чулев.
Очекувам дека и претседателот на државата Стево Пендаровски е информиран за опасностите, па го советувам во најбрзо време да го свика Советот за безбедност, бидејќи овој Совет не се свикува само кога веќе има одредени последици, туку се свикува и превентивно, односно консултативно, додава Чулев.
– Треба да се свика и Советот за координација на разузнавачките служби, а добро би било и верските лидери во Македонија да повикаат на она што е својствено за нас како држава – меѓуверска толеранција. Значи, потребно е да се преземе еден широк спектар на активности како од страна на општеството, така и од страна на сегментите на безбедносниот систем, бидејќи целта е да се спречи евентуален безбедносен инцидент на територија на Македонија насочен кон припадниците на еврејската заедница. Јас знам дека еврејската заедница во Македонија има испратено писмо преку коешто повикува на зголемена претпазливост, меѓутоа не гледам дека некоја институција презема нешто на терен околу ова прашање. Импактот од палестинско-израелскиот конфликт е глобален, а Македонија не е поштедена. Тоа може да се види и на социјалните мрежи. Значи, насилството сѐ уште не е излезено на улиците, ама и тоа како е присутно на социјалните мрежи – вели Чулев.
Да превенираме наместо да мудруваме
Слично мислење дели и националниот координатор за гранично управување Владимир Пивоваров, кој порачува дека подобро е да превенираме и да спречиме штета, отколку да мудруваме откако ќе се направи штетата.
– Точно е дека во земјава има многу верски фанатици кои претставуваат потенцијална опасност, а испреплетени се многу организации кои светот ги прогласил за терористички. Сега веќе и ИСИС дава поддршка и презема одговорност за сторените терористички инциденти ширум Европа. Значи, можноста за остварување на таа религиска цел, која е суштината на оваа војна, ќе добие поддршка од сите такви сродни организации кои се наоѓаат на Блискиот Исток. Меѓутоа, нивните стратешки цели не мора да бараат делување само на главните жаришта на војната, туку и на други дестинации каде што би можеле тие да профитираат. Не зборуваме за економска профит, туку за медиумска профит. Видовте дека целиот свет зборуваше и сите медиуми во светот објавија за вчерашниот терористички напад во Брисел. Гледате дека и денеска сите зборуваат за пукањето во синагогата во Берлин – објаснува Пивоваров.
Многу често, откако ќе се случи некаков терористички чин во светот, сите ние мудруваме што било и како било, а суштината на разузнавањето е да се превенира и да не дојде до последица.
Тој им порачува на безбедносните служби во Македонија да бидат будни и постојано да ја следат ситуацијата.
– Безбедносните служби сами треба да бидат свесни дека во вакви ситуации и на било кое кризно подрачје во светот кое има некаква допирна точка со нас, односно со регионот и со Европа, може да претставува закана. Можеби таа закана може да биде од помал интензитет, меѓутоа токму тој мал интензитет утре може да прерасне во голем интензитет. Затоа службите треба да бидат будни 24 часа. И не само Евреите во Македонија, туку сите ние треба да бидеме загрижени. Многу лесно може да се појави некој верски фанатик кој во име на некоја организација ќе направи големи проблеми. На крајот на краиштата, не мора зад нападот да стои некаква организација, туку сторителот може самоиницијативно да делува. Сето ова претставува индикатор кој ни вели дека не само што треба да бидеме будни, туку треба да бидеме и пребудни. Физичкото обезбедување на одредени споменици, институции и музеи е само еден сегмент од превентивното делување, но нам ни е потребно оперативно обезбедување кое значи прибирање на информации пред да се случи некој настан. Многу често, откако ќе се случи некаков терористички чин во светот, сите ние мудруваме што било и како било, а суштината на разузнавањето е да се превенира и да не дојде до последица. Кога веќе ќе дојде до последица, тогаш го бараме сторителот и си правиле приказни како било и што се случило. Сето тоа е непотребно – објасни Пивоваров.
Од Кабинетот на претседателот Стево Пендаровски за Плусинфо велат дека шефот на државата до крајот на месецов ќе свика редовна седница на Советот за безбедност.
– Претседателот Стево Пендаровски планира да свика редовна седница на Советот за безбедност до крајот на октомври, а што се однесува до евентуалната потреба за заштита на објекти и споменици, тоа е во надлежност на Министерството за внатрешни работи. На Советот за безбедност се разгледуваат повеќе прашања од доменот на безбедноста во границите на земјава, но и во регионот и во светот. Од самата седница останува да се види дали ќе се разговара за можните импликации од војната во Израел врз Македонија и дали ќе има некакви препораки. Советот е советодавно тело кое разгледува точки, а често пати се викаат и надворешни гости, се брифира и се носат препораки и заклучоци – ни изјавија од Кабинетот на претседателот.
Од Министерството за внатрешни работи тврдат дека се преземени сите неопходни мерки и активности за гарантирање на мирот и безбедноста на сите граѓани на територијата на целата држава, вклучувајќи ги и превентивните мерки.
– Координацијата со другите институции е одлична. Апелираме граѓаните да не подлегнуваат на дезинформации. МВР заедно со другите институции ја гарантира безбедноста на целата територија на Република Македонија – ни одговорија од МВР.