Хрватскиот Ускок покрена истрага против 20-годишен Албанец кој во понеделникот вечерта преку граничниот премин Батина се обидел да прошверцува речиси 11 килограми хероин во Хрватска, што го открило полициско куче во неговиот автомобил.
Ускок во средата соопшти дека покренале истрага против 20-годишен албански државјанин по поднесена кривична пријава од Полициската управа Осиек-Барања за неовластено производство и пуштање во промет на дрога како дел од злосторничко здружување.
Тој е обвинет дека од почетокот на годинава се поврзувал со непознати лица од Албанија и Словенија со цел набавка, транспортирање и препродавање на големи количини хероин на однапред договорени купувачи на нелегалниот пазар на земјите од Европската унија.
Тие набавиле 10,9 килограми хероин, кој го сокриле во 21 пакување во специјално модифициран резервоар на автомобил, со кој пријавениот, согласно упатството, тргнал на договорениот пат кон Словенија заради транспорт и испорака на дрогата. .
Пристигнувајќи на граничниот премин Батина, 20-годишникот бил запрен, а наведената количина хероин била пронајдена при царинска гранична контрола и претрес во модифицираниот резервоар на возилото.
Ускок му предложи на судијата на истрагата на Жупанискиот суд Осиек да му биде изречена мерка притвор.
Полицијата од Осиек-Барања соопшти дека хероин бил откриен од полициско куче за откривање дрога во граничната полициска станица Бели Манастир.
Осомничениот е приведен и предаден на надзорникот на притворот, а против него е поднесена кривична пријава до Ускокот.