„Сè ме боли. Не ми е добро“,вели Јасмин Ставрос. Кралот на фештите, како што го нарекуваат хрватскиот пејач Јасмин Ставрос, веќе неколку дена е во болничкиот оддел на загрепската КБЦ Сестре милосрднице.
Неговите здравствени проблеми почнале пред неколку недели со пукање на чир во стомакот, кој, неофицијално дознава „Јутарњи.хр“, успешно бил саниран во болницата во Карловац. Музичарот потоа бил отпуштен од таа болница, но неговите здравствени проблеми не престанале. Бидејќи болките и општата исцрпеност не стивнувале, Ставрос минатата недела со возило на брза помош бил префрлен во загрепската болница, велат неговите пријатели, каде лекарите веднаш почнале со анализите и прегледите.
„На сите можни пребарувања сум. Уморен сум, ме болат рацете, нозете и рамената“, изјавил за „Јутарњи“ во саботата Ставрос, со кого разговарале и во понеделникот, два дена подоцна, кога раскажал каква е неговата дијагноза.
„За жал, се потврди она најлошото. Имам рак на коските, почнувам со зрачење. Им верувам на лекарите, знам дека го прават само најдоброто за мене и се молам на Бога да престанат овие страшни болки. Не знам ни колку лекови против болки пијам, некои помагаат, некои не, а имам впечаток дека болката е постојано присутна. Не можам да спијам затоа што ме боли грбот, а со болката истовремено сум свесен дека започна мојата најтешка и најголема борба во животот“, рекол Ставрос со тивок глас.