Хрватскиот музичар Стјепан Хаусер периодов е на турнеја во Америка, каде изминативе денови на еден од неговите настапи присуствувала и славната пејачка Селин Дион.
Музичката дива со моќен глас веќе две години не се појавува толку често во јавноста, бидејќи боледува од тешка невролошка болест позната како синдром на вкочанета личност.
Привилегија да се види Селин во јавност, а кога се појавила на настапот на виолончелистот Хаусер, настанал хаос. Хрватот добро знаел како да ѝ укаже чест на својата важна гостинка, па специјално за неа отсвирел обработката од насловната песна на „Титаник“ – „My Heart Will Go On“, која ја интерпретира токму Селин Дион.
Преплавена од емоции, таа седела целосно занесена во настапот до самиот крај. По завршувањето на песната, станала со остатокот од публиката и со воодушевување му аплаудирала на Хаусер.
Селин се заблагодарила и кимнала со главата во знак на почит кон присутните на концертот. Покрај тоа, им испратила и неколку бакнежи заедно со прекрасни зборови на благодарност. Балканскиот шармер се обидел да ја убеди да му се придружи на сцената, но таа љубезно го одбила.
„Ви благодариме што сте тука, за нас е голема чест. Уживајте во остатокот од шоуто“, ѝ рекол Хуасер на Селин.
Двајцата имале можност официјално да се сретнат и разговараат по концертот зад сцената. Селин тогаш не го криела воодушевувањето од неговата работа и дело, а била направена и заедничка фотографија.
„Долго го чекав овој момент! Ви благодарам Селин што дојдовте со вашето семејство на мојот концерт во Вегас, ми беше чест!“, напишал во описот на нивната заедничка фотографија на Инстаграм.