Во Загреб е пуштен рој стерилни машки комарци со надеж дека во Хрватска ќе се потисне ширењето на овие инсекти, носители на сериозни тропски болести.
Ова ослободување на стерилни машки комарци е дел од пилот-проектот насочен кон искоренување на инвазивните азиски тигрести комарци кои се познати носители на болести како што се денга, Западен Нил, чикунгуња и Зика.
Се чини дека тигрестите комарци во Хрватска и целиот регион се намножија во последните години делумно поради климатските промени, а потоплото време создаде поволни услови за овој вид.
„Рано е да се каже дали ќе успее, но мило ми е што гледам дека не прскаме само инсектициди“, изјави за AFP жител на Загреб, Круно Локотар.
Хрватските напори се фокусирани на метод кој користи стерилни машки комарци кои, откако ќе бидат пуштени во дивината, се парат со женките и ја неутрализираат можноста за идно потомство.
Проектот во Загреб започна во јуни, кога 100.000 комарци беа пуштени во ризична област со густо зеленило каде што често се ројат комарци.
„Ако ослободиме доволен број стерилни мажјаци во одреден период во одредена област, популацијата на комарци во таа област ќе се намали“, изјави за AFP Ана Клобучар, медицински ентомолог од Институтот за јавно здравје во Загреб, која го надгледува проектот.
Планот се заснова на техниката на стерилни инсекти (SIT), метод кој се користи во светот со децении за борба против различни штетни инсекти, но неговата ефикасност против комарците во урбаните средини сè уште се тестира. Хрватска почна да го користи за комарци минатата година во Истра.
За време на тестирањето на оваа техника минатата година во Истра, беше утврдено дека до 14 отсто од јајцата од комарци во таа област се стерилни, а оваа година нивниот број скокна на речиси 60 отсто, изјави за АФП ентомологот Недиљко Ландека од регионалниот институт за јавно здравје.
Годинава во тримесечниот период ќе бидат ослободени вкупно 1,2 милиони специјално третирани инсекти, додаде Ландака.
Влијанието на климатските промени
Инсектите, кои станале стерилни по изложување на гама зраци, дошле од лабораторија во Италија и биле испратени во Хрватска во специјални кутии.
Откако ќе ги примат, Клобучар и нејзините помошници внимателно ги отстрануваат пластичните контејнери со инсекти од картонските кутии пред да ги расфрлат низ локалните градини во целната област.
Хрватската програма се совпаѓа со сè посилните предупредувања од експертите дека глобалното затоплување може да направи делови од Европа поранливи на заразни болести што ги пренесуваат комарците.
Присуството на азискиот тигрест комарец во Хрватска за прв пат е забележано во 2004 година, откако пристигнал во Европа на крајот на 1970-тите, а експертите претпоставуваат дека патувале со користени гуми кои пристигнале во Албанија од Кина.
Видот сега се проширил во повеќе од десет европски земји, а според официјалните податоци, најтешко е погоден медитеранскиот регион.
Со потопло време, азискиот тигрест комарец се движи посевер, вклучувајќи ги и областите кои се сметаа за премногу студени за овој вид, како што се Швајцарија и Германија.
„Се плашиме дека заедно со видовите, вирусите во иднина лесно би можеле да се прилагодат на новите средини“, предупреди грчкиот ентомолог Антониос Михалакис.
Михаелакис, кој исто така е истражувач во Институтот за фитопатологија Бенаки во Атина, беше клучен во споделувањето на своите искуства од програмата во Грција со своите хрватски колеги.
Во Грција во 2019 година, проектот успеа да ја намали популацијата на азиските тигрести комарци за 90 отсто, изјави тој за АФП.