Уставните измени се најлесните прашања што треба да ги решиме во преговарачкиот процес. Има толку тешки реформи и компромиси во самиот процес на европеизирање, така да целиот процес на членство во ЕУ е исполнување на критериуми. Хрватска требаше два-три пати да го смени Уставот за да стане членка – истакна шефот на македонската дипломатија Бујар Османи во емисијата „Топ тема“ на телевизија Телма.
Османи вели дека видел анкета каде што многу граѓани на земјава мислат дека преговорите со ЕУ не се почнати.
– Оваа пропаганда што се прави врз процесот убедило многу луѓе дека преговорите не се почнати. Тие се почнати со најважниот свој дел – скринингот и продолжуваат во текот на целата година. И Албанија треба да исполни многу услови – посочи Османи.
Тој коментираше една изјава на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски.
– Парафразирам: „Немам ништо против уставните измени, но сум против уцените“, не беше баш така, но тоа беше суштината на пораката. Тоа е голем исчекор и јас до тука сакам сите да стигнеме. Втората фаза ќе ја изменаџираме. Прво мораме да постигнеме консензус дека измените не се штетни и мислам дека ќе го постигнеме тој компромис. Се јавува една партија „за да дадеме ние, треба и вие да дадете“. Кому да дадете? Мене ми е тешко кога некој ќе ми каже дека уставните измени се проблематични и ризични и граѓаните ќе бидат исплашени. Сакам да излеземе пред граѓаните и да се расправаме за формата. Мене ќе ми биде интересно кога историјата ќе пише кој го решил меѓународното етаблирање на македонскиот јазик и баш ќе уживам во таа оценка – рече меѓу другото Османи.
Според него, ако ниту една од партиите нема забелешки за уставните измени, тогаш не треба да се блокира процесот и европската иднина. Османи изрази увереност дека може да се постигне комопромис со опозиција, затоа што има начин како да се испочитуваат нивната загриженост без да се вкалкулираат партиските интереси.