Шест лица го загубија животот, а најмалку 68 се повредени во пожар што избувна во пензионерски дом во Милано во текот на ноќта, соопштија во петокот италијанските служби за итни случаи.
Лука Кари, портпарол на националната противпожарна служба, ја потврди бројката на загинати, додавајќи дека тројца од повредените се во критична состојба, 15 се со сериозни, но не опасни по живот повреди, додека 50 лица се здобиле со полесни повреди.
Тој рече и дека пожарот е изгаснат и дека е отворена истрага за причините за пожарот.
Градоначалникот на Милано Џузепе Сала изјави дека пожарот бил изгаснат многу брзо, но потоа бил испуштен отровен чад.
Според медиумите, пожарот избувнал во четвртокот нешто пред полноќ во дом за стари лица во југоисточниот милански кварт Корвето.