Петта година по ред деветмина холандски иконописци од околината на Амстердам сликаат икони во прекрасниот живописен амбиент на манастирскиот комплекс „Св. Јоаким Осоговски“ во Крива Паланка, заедно со стручниот реставратор и конзерватор Валентина Илијевска од Куманово.
Илијевска, како нивна колешка, е своевиден домаќин на уметниците кои се редовни гости на нашата држава, а посетата ја отпочнуваат од Североисточниот регион, од Куманово и соборниот храм на „Св. Никола“, по што отпочна предвидениот манастирски престој.
– Во скромен состав, девет учесника доаѓааме од околината на Амстердам, инспирирани од убавините на Северна Македонија и попатно задолжително посетуваме дел од културолошките знаменитости на Пробиштип, Прилеп, Битола, Охрид, Дебар и Маврово со кратка посета во главниот град, Скопје пред самото заминување. Инспирирани сме од комплетноста на живописот и иконите во македонските цркви и манастири, а посебна инспирација ни вдахнува самиот манастирски комплекс на „Св. Јоаким Осоговски“ во Крива Паланка, каде во просториите на хотелскиот комплекс имаме одлични услови за творење – изјави Џесика Готенбос, една од иницијаторките за оваа организација.
Посебен куриозитет е што Готенбос го изучува македонскиот јазик и посетува часови за традиционални македонски ора и танци.
Еден од сликарите, Симон Копман, кој долг временски период го обработува дрвото, дошол на идеја за изработка на иконите, а заедно со остатокот на учесниците од групата ја изучуваат проблематиката на изобразување на иконите, воедно и изучување на македонската кирилица.
Уметниците денеска пред заминување од Крива Паланка ги посетија Градскиот музеј, Крива Паланка и соборниот храм „Св. Димитриј“ и се запознаа со нашето културно-историско наследство.