КЛМ, холандската филијала на Ер Франс-КЛМ, синоќа објави дека ќе откаже речиси 170 летови до и од аеродромот во Амстердам во петок поради лошите временски услови.
Силен ветер се очекува да ја зафати Холандија во петок попладне, со удари на ветер до 130 километри на час, соопшти Холандскиот метеоролошки институт, предупредувајќи ги жителите ширум земјата да не остануваат на отворено доколку е можно, пренесува Ројтерс.
Германската национална железничка компанија „Дојче Бан“ денеска соопшти дека го прекинала сообраќајот на долгите линии во седум од 16-те германски сојузни покраини, откако ураганот „Иленија“ рано утринава ја погоди северна Германија.
Германската метеоролошка служба преку твит објави дека на полноќ регистрирала брзина на ветер од 152 километри на час на највисокиот врв на планинскиот венец Харц во северна Германија.
Некои германски покраини, вклучително и најнаселената Северна Рајна-Вестфалија, денеска исто така ги затворија училиштата.
Европските метеоролошки служби денеска предупредија дека во наредните денови невреме ќе го погоди северот на континентот.