Холивудскиот актер Харисон Форд (79) за последен пат ќе го глуми легендарниот авантурист Индијана Џонс во новиот, а воедно и последен филм од сагата.
Филмот се вика „Indiana Jones and the Dial of Destiny“, а Форд морале да го подмладат дури 44 години за потребите на филмот.
Имено, Форд во текот на 25-те минути од филмот бил дигитално подмладен за да може да го игра 35-годишниот Индијана Џонс од времето на првиот дел од сагата. Форд морал да се преправа дека има 35 години и да ги одработи сите сцени како да е 44 години помлад, а дополнително неговото лице било подмладено за да одговара на времето во кое се одвива сцената.
„Форд е неверојатно талентиран и агилен и тоа му олесни да ги одглуми сите сцени. Технологијата вклучена во процесот на снимање е сосема друга работа”, рекол режисерот на филмот Џејмс Манголд, пренесува „Вариети“.
„Имавме тони снимки од него во крупен кадар, медиум, широки, високи и слаби светла… Еден ден ќе го снимавме 79-годишниот Форд како игра 35-годишен Индијана, и два дена подоцна неговото лице би било сосема поинакво и дигитално подмладено“, вели режисерот.
Претходно, Форд откри дека вештачка интелигенција била користена за снимање на сцените за подмладување и дека неговото дигитално лице е всушност преземено од архивските снимки достапни на „Лукасфилм“.
„Тие ја имаат оваа програма за вештачка интелигенција која може да го анализира секој детаљ од секој филм што го поседува „Лукасфилм“. Бидејќи сим снимил еден куп филмови за нив, тие имаат многу материјал со мојот лик. Не знам точно како го прават тоа, но она што ќе го видите во Индијана е моето лице. Тие ги ставаат овие мали точки на моето лице, ги кажувам зборовите и потоа прават нешто фантастично“, рече Форд, но на крајот заклучил дека тоа е малку морничаво.
„Првпат гледам вакво нешто и е малку морничаво. Не сакам, всушност, ниту да знам како тоа функционира, но функционира. Меѓутоа, таа технологија не ми буди желба да сакам повторно да бидам млад. Мило ми е што сум на оваа возраст“, рекол Форд за „Емпаер“.
Филмот ќе почне да се прикажува од 30 јуни, а ќе има премиера во Кан следниот месец.