Белгиските фармери по трет пат го блокираа својот главен град. Околу 300 трактори од целата земја се собраа во Брисел на покана на повеќе синдикати и здруженија на земјоделци, со цел уште еднаш да укажат на нивната тешка положба.
Белгиските, но и европските земјоделци бараат дополнителна помош за справување со кризата во индустријата – пред се укинување на предолгите и комплицирани административни процедури, протестираат против Законот за обновување на природата и бараат намалување на задолжителниот процент на полиња наменети за пошумување, правична сеча и укинување на трговските договори за кои велат дека се неправедни бидејќи го загрозуваат европското земјоделство.
Тие пристигнаа во Брисел во текот на ноќта меѓу понеделникот и вторникот и се упатија кон главните локации – плоштадот Луксембург пред Европскиот парламент и улицата Де ла Луа каде се наоѓаат Европската комисија и Европскиот совет. Донесоа бали слама што ги фрлаа по улицата, палеа логорски огнови од кои извиваше густ чад, петарди, огномет, сирени, музика….
Сите патишта и тунели кои од тој дел на градот водат кон Европската комисија и центарот на Брисел се затворени за сообраќај, додека јавниот превоз во тој дел на градот беше запрен или пренасочен за време на протестот.
Европските земјоделци веќе протестираа во Брисел на 1 и 26 февруари и постигнаа бројни олеснувања за индустријата, од враќање на субвенциите за дизел гориво до намалување на површините неопходни за пошумување. На тие протести имаше и насилство и оштетување на јавен имот, па неколку лица завршија во судот за малолетници. Неколкумина ќе треба да одговорат на поканата на судијата во кривичната постапка за напад на полицијата.