Групацијата за авто-такси превоз во Скопје нема официјално барање за зголемување на цената на такси услугите во Скопје, бидејќи нема реални услови за нејзино зголемување според цената на горивото, а такво барање нема ниту од најголемиот број таксисти. Можеби некој од компаниите самоиницијативно сака да ја зголеми цената и за тоа има можност, вели претседателот на Групацијата Сашо Рајчановски.
Тој појаснува дека во Скопје има три тарифи по кои можат да возат таксистите, а најголем број од нив возат по цени од втората тарифа која е соодветна на цената на горивото.
– Со последното зголемување на цената на такси превозот во Скопје во 2022 година, ние се изборивме за воведување три тарифи на цени кои се зависни од цената на горивото и на другите трошоци. Најголемиот број од таксистите возат во втора тарифа, односно 50 денари старт плус 30 денари километар. Доколку некој од таксистите или такси компаниите сакаат да ја зголемат цената можат да возат во третата тарифа која е најскапа (60 денари старт плус 35 денари). Цените треба да ги објават како што е пропишано. Но, сметам дека нема услови за воведување на таа цена бидејќи цената на горивото не дозволува да се вози по цена од третата тарифа и е далеку под цената во периодот кога баравме зголемување на цените – вели Рајчаноски.
Тој појаснува дека за да се бара повисока цена од третата тарифа треба да се изјаснат најголем број од таксистите во Скопје.
Според последното зголемување на цената на такси превозот во Скопје во прва тарифа цената е 40 денари старт и 25 денари за секој изминат километар. Оваа цена важи во период кога цената на горивото е до 75 денари за литар. Втората тарифа која ја применуваат сега таксистите е 50 денари, а секој изминат километар 30 денари. Таа се применува кога горивото е од 75,50 денари до 119,50 денари. Третата најскапа тарифа предвидува цена за старт од 60 денари, а за секој километар да се наплатува 35 денари. Таа се применува кога цената на горивото ќе биде повисока од 120 денари.
Последната цена на бензините и дизелот е 76 денари по литар за бензинот од 95 октани, 78 денари за бензинот од 98 октани, а цената на дизелот изнесува 70,5 денари по литар.
Во Скопје има околу 2.700 таксисти, според бројот на лиценци издадени од Град Скопје. Рајчановски додава дека главен проблем во такси превозот во Скопје не се цените, туку дивите таксисти кои се нелојална конкуренција и кои ги определуваат цените според сопствената желба, но не плаќаат никакви давачки.
Медиумите денеска објавија дека таксисти од Скопје бараат зголемување на цените на такси-услугите. Според нив, стартот треба да изнесува 60 денари, а за секој изминат километар треба да се наплаќа по 35 денари. За чекање во место тарифата, според нив, треба да изнесува 480 денари за час.