Камен темелникот за изградба на автопатското решение на Коридорот 8 ќе биде поставен на 12 мај, рече Артан Груби, првиот заменик на претседателот на Владата и министер за политички систем и односи меѓу заедниците, денеска во Стопанската комора каде говореше на второто месечно обраќање на тема „Бехтел и Енка – можности, предизвици и одговорности“.
Груби информираше за моделот на изградба на таканаречена брза патека, кој како што рече е агресивен и не трпи бавно бирократско работење, за што треба државата да се прилагоди со промена на некои законски решенија. Тој рече дека договорот не е државна тајна, но дека содржи доверливи информации кои се користат од сите компании за да ги заштитат своите деловни тајни.
– Ние мора да ги почитуваме деловните тајни на компаниите, но клучните ставки од договорот не се тајна. Нема пенали кои треба да се плаќаат. Досега не се исплатени никакви пари. Првата исплата ќе биде авансно плаќање на почетокот на изградбата. Секоја исплата ќе биде објавена на сајтот Отворени финансии – рече тој.
Груби рече дека конзорциумот не бара законски измени, туку нив ги бараат пратениците за да се интервенира да не се должи со нашите административни процедури за таков брз проект.
– Зборуваме за дополнителни часови на дополнителна работа, а не за 60-часовна работна недела, кој член е укинат од Уставниот суд – појасни Груби.
Груби рече дека два пати се сретнал со претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски за кого рече дека имал средба и со претставници на конзорциумот „Бехтел и Енка“.
– Тој ни даде ветување дека нема да го опструира донесувањето на законот за стратешки интерес и така и се случи, пратениците присуствуваа во салата, ама не гласаа за него. Вториот пат ми рече дека тоа е наш проект и дека ние треба да го тераме, а потоа ќе се видиме на избори. Имав средби и со Александар Николовски и со други членови на ВМРО-ДПМНЕ. Ми рекоа дека ќе понудат решенија за подобрување на проектот, но до сега не доставија ништо – рече Груби.
– Не познавам политичар кој е се впушти во корупција со американска фирма. Ние сакаме овој проект да биде тотално чист, без никаква корупција. Ова е наш животен проект и сакаме да биде реализиран. Ако има и еден денар проневерен ние политичарите ќе скапуваме во затвор – додаде тој.
Груби убедуваше дека ВМРО-ДПМНЕ не сака да се реализира овој проект, што, како што рече, го покажале со однесувањето во текот на целиот процес за подготовка на неговата реализација. Вицепремиерот рече дека овој стратешки објект е во прилог на македонското стопанство и затоа не била консултирана бизнис јавноста.
Тој рече дека за секој проблем во изградбата важат македонските закони. Според него, законските измени се мали и затоа се водат по скратена постапка.
– Според искуствата на земјите од регионот кои работат со вакви конзорциуми, ние мораме да измениме некои закони за да може да се реализира побрзо проектот, без административни бариери – рече Груби како одговор на прашањето дека се носат закони по брза постапка и без консултации.
На средбата во Комората присуствуваа и неколку министри во владата и претставници на конзорциумот „Бехтел и Енка“ и компанијата која врши надзор.
Месечно од буџетот ќе одат по 250 милиони евра за изградбата на автопатот.