Немам амбиција да бидам првиот премиер Албанец на Северна Македонија, туку сакам да останам запаметен како по реализацијата на проектите од коридорите 8 и 10-д, односно за изградбата на автопатот Скопје-Блаце и по воспоставувањето на врската Приштина-Скопје-Тирана – изјави првиот вицепремиер и министер за политички систем и односи меѓу заедниците Артан Груби во гостување на косовската телевизија „Дукаѓини“.
Груби истакна дека кандидатот за премиер Албанец ќе го предложи лидерот на ДУИ Али Ахмети и како што нагласи, сигурен е дека „нема да погреши во изборот“.
– Ова е проект на Али Ахмети за да ги урне табуата. Дојде време да се надминат предрасудите со изборот на албански премиер – рече Груби.
Тој вели дека со коалицискиот договор од 2020 година меѓу СДСМ и ДУИ, потпишан од тогашниот премиер Зоран Заев и Ахмети, се превидува во последните 100 дена од Владата премиер да биде личност од албанска националност, а актуелниот премиер Димитар Ковачевски „ветил дека договорот ќе важи“.