Граѓаните се жалат дека подолго време низ аптеките нема антибиотици како што се Оспен, Амоксиклав и други. Тие се принудени да ги барат од една во друга аптека и секаде наидуваат на ист одговор – дека припишаните антибиотици ги нема. Принудени се да земаат замени за нив, кои некогаш се несоодветни, или да ги нарачуваат од соседството, што скапо ги чини.
Во одговор до Плусинфо за причината за овој недостиг и кога се очекува да се обезбедат потребните количини, од Агенцијата за лекови МАЛАМЕД тврдат дека таблетарните форми на антибиотиците Амоксиклав, Коалмацин и Панклав, кои имаат ист состав, се наоѓаат во промет во аптеките во земјава.
„Во моментот има недостиг на суспензијата за деца, но МАЛМЕД веќе има одобрена увозна дозвола за суспензијата Амоксиклав и се очекува лекот да го има во аптеките следната недела. Во најскоро време треба да ги има и Панклав и Коалмацин за деца. МАЛМЕД, во соработка со сите веледрогерии максимално се залага да се обезбедат сите лекови со цел задоволување на потребите на пациентите“ – се вели во одговорот од Агенцијата за лекови.