Граѓаните на Туркије погодени од земјотресот ќе имаат можност привремено да ги посетат своите роднини во Германија, чии службеници се подготвуваат да го забрзаат издавањето визи и да ја намалат потребната бирократија, јави ДПА.
Берлин сака да обезбеди помош откако бројот на загинати во Туркије и во Сирија вчера надмина 25.000, само неколку дена откако силните земјотреси го погодија регионот.
Германските министерства за надворешни работи и за внатрешни работи најавија планови да им се дозволи на Турците кои имаат роднини во Германија да дојдат кај нив.
Десетици илјади луѓе во Германија имаат турски корени, а Турците се најголемата имигрантска група во земјата, поради политиката на гастарбајтери усвоена од германската влада во 1950-тите.
– Како германска Влада сакаме да им помогнеме на семејствата во Германија да можат привремено да ги примат роднините погодени од земјотресот, доколку веќе немаат покрив над главата или имаат потреба од лекување – рече министерката за надворешни работи Аналена Бербок.
Двете министерства формираа работна група која ќе почне со работа викендов.
– Целта е да се намали бирократијата во визниот процес за овие случаи – објасни Бербок.
Таа рече дека нејзиното Министерство го зголемило бројот на персоналот во своите мисии во странство и го прераспоредило капацитетот во центрите за обработка на визи во Турција.
„Се работи за итна помош. Сакаме да им овозможиме на турските или сириските семејства во Германија да донесат блиски роднини од регионот погоден од катастрофа без бирократија“, објави министерката за внатрешни работи Ненси Фезер на Твитер. Таа додаде дека тоа ќе се прави со редовни визи, кои ќе се издаваат брзо и ќе важат три месеци.
– Во тагата и ужасот на илјадниците загинати по земјотресот, трошка надеж е огромната посветеност на луѓето во нашата земја кои наоѓаат начини да им помогнат на жртвите со различни донации. Многу луѓе во Германија имаат роднини во Турција кои би сакале да ги примат и за кои се подготвени да гарантираат – рече Бербок.
Забрзаните и приоритетни визи се наменети за луѓето кои се поединечно особено погодени од катастрофата, кои може да бидат изложени на ризик да станат бездомници или кои претрпеле повреди кои бараат третман, дознава ДПА.
Тие ќе бидат достапни за жртвите од земјотресот кои сакаат да побараат засолниште во Германија и да престојуваат со членови на семејството од прв или втор степен на сродство, кои се германски државјани или кои имаат постојана дозвола за престој.