Законот за платежни услуги и платни системи кој стапуваат на сила од 1 јануари 2023 година содржи одредби со кои ќе се поттикне влез на нови даватели на платежни услуги, што пак ќе придонесе за поширока понуда на поевтини платежни услуги за граѓаните и компаниите. Исто така, со Законот се уредуваат и повеќе решенија за подобра заштита на потрошувачите, преку поставување насоки и ограничувања за надоместоците за платежните услуги, како и поголема транспарентност, соопшти Народна банка.
Како што соопшти НБ, една од новините е воведување платежна сметка со основни функции, преку која граѓаните ќе можат да извршуваат платежни трансакции за намирување на своите вообичаени обврски или трансфер на парични средства на друго лице.
„За извршувањето на овие трансакции, граѓаните ќе плаќаат разумна висина на надоместоци, не повисоки од 0,1% од просечната исплатена нето-плата во земјата во претходните дванаесет месеци (или околу 30 денари), во кои ќе биде вклучено месечното одржување на сметката и најмалку пет платежни трансакции месечно кон примач кај истата банка. Платежната сметка со основни функции ќе биде без надоместок за корисниците од ранливите категории“, се наведува во соопштението.
Со Законот за платежни услуги и платни системи, додаваат од НБ, се предвидуваат и повеќе други механизми за заштита на потрошувачите поврзани со надоместоците.
„Склучување унифицирани рамковни договори и предвидени видови надоместоци, ограничување на заменските надоместоци за плаќање со картички, поголема транспарентност и споредливост на надоместоците за услуги поврзани со платежната сметка. Исто така, во областа на платежните услуги би се вклучиле нови даватели на платежни услуги, што би придонесло за намалување на цените за услугите“, се наведува во соопштението.