Хидројаловиштето во Пробиштип, на кое има опасни тешки метали и други хемикалии, а се наоѓа во близина на пазарот, со години ги труе граѓаните на овој град, а градоначалникот од СДСМ Драган Анастасов, кој ветуваше дека до 2023 година ќе го затвори, не го стори тоа – изјави портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ Наум Стоилковски на прес конференција одржана на самото место.
– Ова е зад мене познатото старо хидројаловиште коешто го труе Пробиштип, кое се гледа од мојата десна страна и околината со олово, кадмиум, цинк, жива, железо, бакар, арсен, ураниум и хемикалии како што се бакар сулфат, натриум цијанид, калциум оксид и калциум карбонат.
Градоначалникот од СДСМ Драган Анастасов во 2021 година ветуваше дека до 2023 ќе го затвори овој извор на опасни тешки метали во близина на пазарот во градот. 12 милиони тони хидројаловина сè уште го трујат Пробиштип и околината заради бизнис интересите на СДСМ и Анастасов – рече Стоилковски.
Тој рече дека постои изработен проект за санација, којшто по доаѓањето на СДСМ на власт стои во фиока иако во 2016 година имало обезбедено и финансиски средства од 4.2 милиони евра од Буџетот на Македонија!
– Осма година, со изработен проект и со обезбедени пари, СДСМ и Анастасов оставаат труење со секој еден ветер заради бизнис со фотоволтаици – рече Стоилковски.