Пред советниците на Град Скопје денес ќе се најде одлука за субвенционирање при набавка на нови еко-возила на хибриден или електричен погон за граѓани и за такси-превозници, пилот проект кој за прв пат се имплементира во Македонија и со кој градот Скопје ќе субвенционира 200.000 денари по возило – соопшти градоначалничката Данела Арсовска на денешната прес конференција.
– Овој проект на градот Скопје е дел од ветувањата од програмата „За Модерно Скопје” а во оваа фаза го лансираме како пилот проект со кој се детектираат потребите и интересот кај граѓаните.
На овој начин ќе се придонесе за дополнително намалување на загадувањето особено во сегментот од испуст на издувни гасови во атмосферскиот воздух од возилата, а едновремено има компонента на поттик на модернизација на јавниот такси превоз во главниот град по примерот на европските метрополи – рече Арсовска.
Таа побара поддршка од советниците за набавка на нови еко-автобуси кои ќе немаат емисии на загадување во воздухот и кои ќе ги заменат старите и дотраени автобуси, кои не нудат задоволително ниво на услуга за граѓаните.
– Со набавката на нови еко-автобуси дополнително ќе се подобрат условите во јавниот превоз, ќе се стандардизира услугата за сите граѓани на градот, ќе се намалат трошоците, а што е и најважно ќе го намалиме негативниот ефект врз животната средина – рече Арсовска.
Таа дополнително, на денешната седница на Советот на град Скопје, предлага и побара меѓуопштинска соработка со неколку општини во кои градот Скопје ќе инвестира во реконструкција на улици, пешачки зони и велосипедски патеки.
Таа наброја кои проекти треба да се реализираат во соработка со Општините:
– реконструкција на улицата „Македонско Косовска Бригада”, крак 38, крак 40 и крак 50 во општина Шуто Оризари
– реконструкција на улицата „Славејко Арсов” во општина Центар
– реконструкција на краци на улицата „Христофер Жефаровиќ” во општина Гази Баба