Во скопската Зоолошка градина угина жирафата Каспер, која веќе неколку месеци не била во добра здравствена состојба.
Вработените со неверување ја добиле веста, а од зоолошката градина најавија дека по завршувањето на обдукцијата јавно ќе биде објавена причината за смртта на Каспер.
„Со голема тага, неверување и скршени срца, ве известуваме дека нашиот Каспер утрово ненадејно не напушти. Жирафата Каспер имаше 12 години, а во Скопје ЗОО беше жител од 2012 година. Скршени се срцата на сите вработени, бидејќи Каспер беше наш омилен. Јавно ќе биде соопштено што е причината за смртта, откако ќе ги добиеме официјалните резултати од обдукцијата која беше извршена утрово од страна на Ветеринарниот факултет. Никогаш заборавен и непреболен, наш Каспер, трчај на небесната савана“, стои во објавата на фејсбук страната на ЗОО Скопје.
Ова е втора жирафа која угина, а сега Зоолошката останува само со една жирафа, односно Флопи, која исто така има 12 години. Во јануари 2021 година во Зоолошката угина жирафата Тобого, претходно пред неколку години угина и Орка која според обдикциониот наод умрела од бронхитис и воспаление на цревата.