Мултижанровскиот уметник Џон Батист ја освои наградата за албум на годината, а ар-ен-би дуото „Силк Соник“ зема две од најголемите признанија на церемонијата на Греми наградите, одржано вчера во Лас Вегас.
Батист ја доби најважната награда на вечерта за „We Are“, албум инспириран од движењето Black Lives Matter (Црните животи се важни).
„Верувам во тоа до срж – не постои најдобар музичар, најдобар уметник, најдобар танчар, најдобар актер“, рече Батист.
„Креативната уметност е субјективна… Јас само ја спуштам главата и работам секој ден.“
„Силк Соник“, дуото составено од Бруно Марс и Андерсон.Паак, ја освои наградата за песна и плоча на годината за нивниот хит инспириран од 1970-тите „Leave the Door Open“.
„Во овој момент навистина се трудиме да останеме скромни“, се пошегува Паак додека парот ја примаше наградата.
Оливија Родриго, 19-годишна пејачка е прогласена за најдобар нов уметник.
– Ова е остварување на мојот најголем сон. Ви благодарам многу! – рече Родриго додека го држеше својот трофеј.
Инаку, трката за оваа престижна музичка награда ја предводеше Џон Батист, кој имаше 11 номинации, а Џастин Бибер, Доџ Кат и Х.Е.Р. имаа по 8 номинации. Зад нив беа Били Ајлиш и Оливија Родриго со 7 номинации.
Церемонијата на доделување на највисоките награди во музиката требаше да се одржи во јануари, но беше одложена поради нагло зголемување на бројот на случаи на ковид-19 и се пресели од Лос Анџелес во арената „МГМ Гранд гарден“ во Лас Вегас. Илјадници гледачи ја исполнија салата, за разлика од минатогодишниот намален настан на отворено.