Непосредно до граничниот премин Евзони избувна пожар околу 12 часот, потврдуваат од Центарот за управување со кризи и МВР за Плусинфо.
Граѓаните на социјалните мрежи споделуваат дека е исклучена струјата и на Богородица од македонска страна и на Евзони од грчка, како и дека вработените се евакуираат.
– Министерството за внатрешни работи ги известува граѓаните дека поради пожар кој избувна на грчка страна, во моментов е во прекин сообраќајот преку Граничниот премин Богородица. Се преземаат интензивни мерки за гасење на пожарот и по неговото гасење, повторно ќе биде овозможено преминување преку граничниот премин. Апелираме до граѓаните да не се упатуваат кон граничниот премин додека не биде објавено дека пожарот е изгаснат и сообраќајот нормализиран – велат од МВР за Плусинфо.
Според информациите во гаснењето на пожарот интервенираат 39 пожарникари со два пешадиски тима, 12 возила и еден хеликоптер.
Од грчката страна сообраќајот е запрен до Поликастро. Возилата се пренасочуваат на граничниот премин Дојран. Инаку на преминот има колони од возила кои биле таму кога започнал пожарот. На социјалните мрежи, во групи се споделуваат фотографии и видеа.