Жена од Романија се обидела да го спаси своето дете од пожар кој избувнал во нивниот стан, па преку прозорец го фрлила бебето, но тоа починало од повредите.
Мајката Малина се обидела да го спаси своето дете од пожарот кој им го зафатил станот на третиот кат од зграда во Романија. Малина направила сѐ што е во нејзина моќ да му помогне на синот, за жал малиот Виктор подоцна починал во болница од здобиените повреди.
Лекарите од почетокот биле резервирани, бидејќи момчето било во кома од четврти степен. Само неколку часа пред трагедијата, жената добила напад, најверојатно поради постпородилна депресија. Таа сакала да ја напушти куќата со Виктор. Нејзиниот сопруг дошол дома од работа на пауза, по што наводно донел драматична одлука да ја затвори во куќата, велат извори од истрагата.
Соседите во изјави за романските медиуми, сведочат дека парот често се расправал. Непосредно пред празниците морала да интервенира и полицијата. Други тврдат дека мажот бил насилен и ја претепал сопругата. Малина прво почнала да фрла облека низ прозорецот, а потоа донела кобна одлука да го фрли и Виктор, кога станот им се запалил. Таа се обидела да го ублажи падот со тоа што го завиткала детето во јорган, но тоа не било доволно. Потоа, според сведоците, скокнала и таа.
За жал, Виктор починал во болницата во Јаши. Кога лекарите пристигнале на лице место, го затекнале во кардио-респираторен застој и на лице место бил реанимиран. Малина е примена во болницата „Свети Спиридон“ во Јаши во тешка состојба. Таа се здобила со фрактура на карлицата, скршеница на ногата и траума на ‘рбетот. Исто така, жената има изгореници од прв и втор степен на едната рака.
Во пожарот наводно изгореле неколку парчиња мебел и облека. Пожарникарите сега се обидуваат да утврдат што го предизвикало пожарот.