Германскиот претприемач и милионер Рајнер Шалер и неговото семејство биле во авионот што се урна во Карипското Море во близина на Костарика, соопшти владата.
Извор од Министерството за јавна безбедност на Костарика потврдил за АФП дека Шалер (53) и уште пет лица се на списокот на патници во авионот.
Рајнер Шалер е основач и претседател на германската компанија RSG-Group, која управува со теретаните McFit. Германскиот весник „Билд“ пишува дека тој патувал со својата животна сопатничка, нивните две деца и уште еден маж.
Во саботата во морето се пронајдени тела на возрасен и малолетник, кои се уште не се идентификувани.
Пронајдени се и некои предмети, меѓу кои патни торби и дел од трупот. Тие биле пренесени во Лимон, во истоимената провинција.
Од тоа пристаниште, на околу 160 километри од главниот град Сан Хозе, во неделата наутро испловиле два брода на крајбрежната стража за да ја продолжат потрагата.
Авионот, на приватен лет, полетал од Мексико и изгубил контакт со контролната кула во Костарика околу 18 часот во петокот во близина на Лимон, каде што требало да слета.
Синџирот на евтини спортски сали McFit основан од Шалер е најголем во Европа (165 спортски сали во Германија и повеќе од 250 во остатокот од Европа).
Името на Рајнер Шалер беше споменато во веста за несреќата на фестивалот за електронска музика Love Parade во 2010 година, во кој 21 лице загинаа, а 500 беа повредени во стампедо во бетонски патен тунел каде што се одржуваше настанот.