Министрите за внатрешни работи на ЕУ сакаат да го запрат ненадејното зголемување на миграцијата преку „балканската рута“, пишуваат медиумите на германски јазик.
„За време на пандемијата на коронавирус беше мирно на т.н балканската рута, копнената рута избрана од многу бегалци, пред се од Блискиот Исток, на нивниот пат кон Централна Европа. Сега овој коридор е повторно во фокусот на јавноста“, пишува Kölnische Rundschau. Весникот додава дека минатиот петок министрите за внатрешни работи на ЕУ на состанокот во Луксембург разговарале за „наглото зголемување на миграцијата“, пренесува Дојче веле.
„Сепак, со оглед на руското бомбардирање на украинските градови во наредните месеци, тие очекуваат значително повеќе Украинци да побегнат на Запад. Но, во фокусот на разговорите меѓу 27-те партнери беше зголемувањето на бројот на илегални мигранти кои влегуваат во Европа преку балканската рута“, пишува Келнскиот весник.
Како што се додава, оваа рута беше назначена од Фронтекс, агенцијата за заштита на границите на ЕУ, како „најактивната миграциска рута кон Европската унија“. Само во септември, како што пишува германскиот весник повикувајќи се на соопштението на агенцијата Фронтекс, биле регистрирани 19.160 лица, двојно повеќе од истиот месец лани.
Нова бегалска криза
Политичарите од ЕУ причината за зголемувањето на бројот на мигранти, меѓу другото, ја гледаат и во визната политика на некои балкански земји, особено Белград, забележува весникот. Така, луѓето, на пример, од Индија, Куба, Тунис или Бурунди можат да летаат за Србија без виза, а потоа да одат во ЕУ со камиони. Таа земја е попатна станица, а не последна станица, се додава.
Белград, се чини, не е возбуден од критиките, пишува весникот потсетувајќи дека претседателот Александар Вучиќ неодамна најави промена на визната политика до крајот на годината, но се воздржа од ветување конкретни резултати.
Дали се заканува нова бегалска криза, е прашањето што го поставува Kölnische Rundschau.
„Експертите не мислат така. Затоа што најголемиот број луѓе кои бараат заштита во ЕУ доаѓаат од Украина. Набљудувачите затоа го критикуваат „двокласното општество на бегалци“. На почетокот на март, ЕУ активираше директива според која украинските бегалци можат да добијат помош брзо и небирократски и да не мора да поминат низ конвенционалната процедура за азил“, пишува Kölnische Rundschau.
Закана за безвизниот режим
За „балканската рута“ пишува и „Ноје Цирхер Цајтунг“ (НЗЗ). „Србија е виновна за големиот пораст на илегалните мигранти преку балканската рута“, изјави Карин Келер-Сатер, шеф на швајцарското Министерство за правда, по повод состанокот на министрите за внатрешни работи на ЕУ.
„Во Берн ѕвонат аларми, иако Швајцарија служи само како транзитна станица за поголемиот дел од мигрантите кои патуваат по балканската рута“, пишува NZZ.
Кога станува збор за улогата на Србија, овој весник пишува: „Неколку земји интервенираа кај Европската комисија и чешкото претседателство со ЕУ со цел да го стават ова прашање на дневен ред, или да извршат притисок врз кандидатот за членство во Унијата – Србија. Најефективната закана веројатно би била да се прекине безвизниот пристап на ЕУ за Белград, доколку владата на претседателот Александар Вучиќ не успее да ја спречи нерегуларната миграција. Притисокот очигледно функционирал бидејќи, според Келер-Сатер, Србија се согласила да ги прилагоди своите визни правила. Конкретно, тоа значи дека Белград сака до крајот на годината да го укине безвизниот режим со Куба, Тунис, Индија и Бурунди“, пишува НЗЗ.
Тагесцајтунг, пак, ја цитира еврокомесарката за внатрешни работи Илва Јохансон, која најавила поголем притисок врз балканските држави. „Доколку не се покаже дека е кооперативна, безвизниот режим што го ужива од 2009 година може да биде укинат за Србија“, рече Јохансон.
„(Србија) релативно великодушно им дозволува влез во земјата на луѓето кои доаѓаат од земји кои ја делат позицијата на Белград кога станува збор за Косово. Како резултат на тоа, значително се зголеми бројот на нередовни пристигнувања преку Србија во ЕУ од некои од овие земји. Така, во првите осум месеци од оваа година, на пример, властите регистрирале 4.500 пристигнувања на луѓе од Индија – речиси осум пати повеќе од претходната година. Зголемен е и бројот на пристигнувања во ЕУ од Тунис, Куба или Бурунди“, пишува Тагесцајтунг.
Користете ги сите средства за притисок
За „балканската рута“ и состанокот на министрите за внатрешни работи на ЕУ во Луксембург пишува и „Франкфуртер алгемајне цајтунг“ (ФАЗ). „Ситуацијата на балканската рута е сериозна“, пишува весникот во својот коментар.
„Фронтекс забележа повеќе од 100.000 нередовни обиди за влез во ЕУ оваа година. Тоа е двојно повеќе од лани“, пишува FAZ. Затоа, германската министерка за внатрешни работи, Ненси Фезер, беше во право кога на состанокот на министрите за внатрешни работи на ЕУ рече дека Србија мора „сега“ да ја промени практиката за издавање визи, а не до крајот на годината, како што најави Српскиот претседател Александар Вучиќ.За да се принуди Белград да попушти, мора да се употребат сите достапни средства за притисок. Прашање е дали запирањето на екстремно бавните пристапни преговори со Србија во ЕУ е најостриот меч. Суспензијата на безвизниот режим за граѓаните на Србија се чини повеќе ветувачки. Исто така, мора да се спречи Белград, со својата политика на добредојде – заснована на белоруски модел – да се однесува како послушник на Москва за да изврши притисок врз ЕУ“, коментира ФАЗ.