Германската министерка за внатрешни работи Ненси Фезер нареди воведување на пасошката контрола на сите копнени граници на земјата во обид драстично да се ограничи бројот на луѓе кои влегуваат во земјата без визи, јави ДПА, повикувајќи се на владини извори.
Мерките стапуваат во сила на 16 септември и првично се очекува да важат 6 месеци.
Фезер ја информирала Европската комисија за плановите, кои имаат за цел да ја ограничат илегалната миграција и да се справат со заканите од исламистичките терористички групи и меѓународните криминални организации.
Берлин минатата година најави построги контроли на копнените граници со Полска, Чешка и Швајцарија како одговор на зголемувањето на бројот на барања за азил.
Долгогодишните дебати за тоа како да се постапува со мигрантите кои бараат азил во Германија се интензивираа во последните неколку недели по смртоносниот напад со нож на почетокот на овој месец во западниот германски град Солинген. Осомничениот напаѓач, сириски државјанин, избегнал наредба да биде депортиран од Германија назад во Бугарија, од каде што влегол на територијата на ЕУ.
Сите земји во соседството на Германија се во Шенген зоната, што во принцип треба да дозволи патување без пасошка контрола преку сите граници во Унијата. Но, во октомври 2023 година, Германија воведе гранични проверки на нејзините граници со Швајцарија, Чешка и Полска за да го запре протокот на мигранти во земјата. Официјално, овие гранични проверки се привремени, но Берлин постојано ги продолжува. Слични гранични контроли со Австрија се привремено воведени од септември 2015 година.