Реконструкцијата на Украина мора да почне дури и додека борбата продолжува, изјави за ДПА министерот на оваа земјата задолжен за развој на заедници и територии Олексиј Чернишов.
Тој ја даде изјавата пред почетокот на конференцијата во Берлин, каде се разговара за повоената обнова на Украина, собир во организација на Европската Комисија и Германија, која во моментов претседава со групата Г7.
– Многу е важно да се сфати дека поради фактот што војната трае сè уште, првичното закрепнување треба да почне веднаш, нагласи украинскиот министер.
Како што додаде Чернишов, потребно е да се подготви системот на комунални услуги, на енергија, на домување за зимата што доаѓа, што е многу скоро и тоа „сега е предизвик”.
Министерот истакна дека речиси 300 руски проектили и дронови ја погодија Украина изминатите две седмици. Во нападите беа погодени и уништени електрани и секојдневно имаше прекини на струја.
– Ние треба да поставиме соодветна инфраструктура за да се справиме со овие предизвици – подвлече Чернишов.