Фудбалерите на Украина со пресврт се радуваа на победа над Словачка од 1-2 (1-0), во рамките на второто коло во групата Е на Европското првенство. Избраниците на Сергеј Ребров одиграа перфектно второ полувреме во кое успеаја да се одржат во игра во битката за нокаут фазата.
Подобро во мечот влегоа Словаците кои почнаа да редат шанси уште од стартот. Се закануваа Хараслин, Шранц и Ханцко, но безуспешно. Резултатот беше отворен во 17. минута кога Иван Шранц искористи нафрлување од тешка позиција од Хараслин и со глава го матира Трубин (1-0). Имаа и Украинците две шанси во првиот дел преку Тимчук и Зинченко, додека за Словаците се обиде повторно Хараслин, ама резултатски промени немаше.
Работите се сменија по паузата за полувремето. Ребров како да ги разбуди своите фудбалери, па Украинците влегоа далеку подобро во продолжението. Тоа резултира со израмнувачкки гол на Микола Шапаренко кој остана заборавен на пеналтикот, доби топка од Зинченко и ја пласира во мрежата за 1-1 во 54. минута.
Украина беше подобар ривал на теренот, имаше неколку шанси, а тоа се исплати на десет минути пред крајот. Шапаранко испрати топка во шеснаесетникот, каде што одлично се снајде Роман Јаремчук и ја смести зад грбот на Дубравка за 1-2. Словаците притиснаа во финишот, се обидоа резултатски да се вратат, но не успеаја во својата намера.
По овој резултат по три бода имаат Романија, Украина и Словачка. Сепак, в сабота се игра натпреварот меѓу Белгијците кои се без бодови и Романците, а ако фаворитот впише прва победа, во последното коло сите репрезентации ќе влезат со ист број бодови.