Ако често користите некоја од фразите наведени подолу, можеби имате ниска емоционална интелигенција, изјави психолог од Харвард.
Емоционалната интелигенција е способност да се согледаат и прецизно да се проценат чувствата кај себе и кај другите.
Емотивно најинтелигентните луѓе можат да пристапат до емоциите на другите и да ги поттикнат, да ги разберат невербалните знаци и да знаат како да ги регулираат своите емоции за да изградат посилни врски, напиша др. Кортни С. Ворен, психолог од Универзитетот Харвард. Емоционалната интелигенција е клучна за долгорочниот професионален и личен успех, објасни таа. Но, како да знаете дали вашата емоционална интелигенција е доволно висока? Ворен пишува дека одредени фрази – ако често ги користите – укажуваат на тоа дека имате ниска емоционална интелигенција.
1. „Јас сум тоа што сум“
Фразата покажува дека личноста не сака или не може да се промени. Емоционалната интелигенција е поврзана токму со способноста да се менува со текот на времето, со учењето и личниот раст. Луѓето со ниска емоционална интелигенција често се поригидни и се спротивставуваат на напорите за движење или развој. Цврстите верувања се важни, напиша Ворен, но и отвореноста за нови можности.
2. „Не ми е гајле што чувствуваш“
Очигледното непочитување на чувствата на другите луѓе е знак на ниска емоционална интелигенција. Покажувањето недостаток на емпатија кон другите, особено кога тие се во емоционални проблеми или минуваат низ тешки времиња, го отежнува развојот на заемно корисни и поддржувачки односи. Подобро е на смирен начин со соговорникот да откриете зошто се чувствува така како што се чувствува.
3. „Твоја вина е што се чувствувам вака“
Луѓето со силна емоционална интелигенција не го обвинуваат надворешниот свет за нивните негативни емоции. Наместо горната реченица, подобро е да признаете дека сте вознемирени, да не ја обвинувате другата личност, а во исто време да се обидете да објасните како гледате на работата.
4. „Едноставно не си во право“
Емоционално интелигентните луѓе, кога добиваат повратни информации, се обидуваат да ги разберат туѓите искуства. Наместо да донесуваат категорични проценки, тие се обидуваат да разберат што ги тера другите да размислуваат или да се чувствуваат како што прават.
5. „Не ти простувам“
Емоционално интелигентните луѓе можат да се стават во туѓа кожа. Ова ги прави поотворени за простување на грешките на другиот. Ако чувствувате дека другиот многу ве повредил, кажете му го тоа, но и кажете му дека ќе се обидете да му простите.
6. „Се однесуваш нерационално“
Луѓето кои се емоционално интелигентни можат да ги преиспитаат своите емоции и да ги анализираат рационалните и ирационалните аспекти на нивните мисли. Тие исто така можат да им признаат на другите дека имаат право да се чувствуваат како што се чувствуваат, дури и ако не разбираат целосно зошто. Но, тие се обидуваат да го откријат.