Украински војници од зори до самрак учат „како да бидат посмртоносни и потешки за убивање“ во камп во Франција, изјавиле француски офицери за бриселски Политико. Кампот кој импровизира село заглавено во рововска битка во стилот на Првата светска војна ги врбува Украинците да прават секакви тешки задачи – всушност, Французите имитираат „дека се Руси“.
Мирисот на смртта
Главната цел е да се создадат војници кои иако хронично заморени и ненаспани, во услови на тежок дожд и ветер ќе можат да се одбранат од нападите. Французите намерно напаѓаат ноќе. Политико пишува дека трупови на мртви животни биле расфрлани низ кампот за Украинците да се навикнат на мирисот на смртта.
Градинарски чизми и широки ровови
Нема дружење, разменување телефонски броеви. Украинците се жалат дека француските ровови се прешироки, додека обувките не се соодветни – дека посоодветни за оваа задача би биле градинарските чизми. Единствените жени во кампот се оние кои ги следат војниците за да ги објаснат упатствата.
Дали ваквите брутални вежби кои траат од 5.30 до 20 часот секој ден можат да ѝ помогнат на Украина да излезе од ќорсокакот на фронтот? Киев се надева на тоа.
Дронови и димни бомби
Истовремено, сето ова им користи на француските тренери и за враќање на кондицијата на француската војска. Иако, обуката ја чини Франција 300 милиони евра.
Во едно од сценаријата, Украинците опремени со димни бомби и француски автомати ФАМАС мораат да заземат каллив ров и да го обезбедат од непријателски напад. А, сѐ повеќе се става акцент и на вежбите од напад од небо.
– Екипите за дронови летаат горе за да ги навикнат војниците да внимаваат на небото – рече капетанот Ксавиер, еден од инструкторите.
Француските тренери користат и артилерија и гранати за да симулираат воздушни напади и да видат како реагираат Украинците на ранетите војници.
Улицата значи смрт
Клучниот рефлекс на кој Французите ги учат Украинците е да се тргнат од улиците и да се засолнат, затоа што „улицата значи смрт“.
Киев ги полага своите надежи во француската обука. Всушност, обуката е направена според барања на украинската команда. Сега регрутите се во четвртата и последна недела од ноемврискиот тренинг. Франција ветиле дека ќе обучи 7.000 Украинци, некои од нив во Полска, преку Мисијата на Европската унија за воена помош Украина (ЕУМАМ).