Пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Антонио Милошоски, од собраниската говорница потенцираше дека францускиот предлог не е штетен само за припадниците на македонскиот народ, туку и за другите етнички заедници.
– Бизнисменот Ајдован Адемовски, кој бил на состанок во МНР и се обратил пред присутните со зборовите дека е свесен дека можеби мислат дека тој како припадник на турската заедница е рамнодушен за барањата на Бугарија кон Македонија. Адемовски го прашал министерот за надворешни работи дали знае кој бил Адем Адемовски и кој го убил во 1942 година. Дали го убиле фашисти или администратори? Министерот рекол дека нема одговор и дека се брзал на телевизиски настап – истакна Милошоски.
Тој кажа и дека предлогот кој е пред пратениците, всушност не значи почеток на преговорите со ЕУ.– Францускиот предлог не е предлог за отварање на преговорите, туку предлог за отварање на Уставот, а ви знаете дека тоа нема да ви помине – им порача Милoшоски.
Тој посочи дека Македонија прави преседан во пристапувањето кон ЕУ.
– Ниту една земја, ни Србија, Бугарија, Албанија, Хрватска немале две фази во пристапувањето во ЕУ. Само Македонија. Тоа значи дека ќе се сликате во Брисел, а потоа ќе се вратите дома, каде што ќе имате задачи за извршување. Знаете дека немате доволен број на пратеници за да го промените Уставот. Овој договор е штетен и резултат на вашата дипломатија – дополни пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ.