Францускиот актер Жерар Депардје (75) е приведен под обвинение за сексуални злоставувања кои се случиле во 2014 година на снимањето на филмот Le Magicien et les Siamois на Жан-Пјер Моки и во 2021 година на сетот на Volets verts на Жан Бекер.
Според информациите со кои располага BFMTV, тој моментално е на распит во полициска станица во Париз, а зад обвиненијата стојат две жени. Актерот ја негира вината и тврди дека е жртва на медиумски линч.
Но, тоа не му е прв пат. Пред ова, Депардје беше обвинет за слично однесување од уште 13 жени. Наводите беа изнесени од актерки, шминкери и продукциски персонал, од кои некои зборуваа анонимно, а наводното малтретирање се случило за време на снимањето на 11 филмови во периодот од 2004 до 2022 година.
На 16 декември 2020 година, актерот беше официјално обвинет за силување и сексуален напад во врска со тужбата поднесена од Шарлот Арнолд во 2018 година. Случајот претходно беше отфрлен во 2019 година поради недостиг на докази, но беше повторно отворен во 2020 година, а кривичната пријава беше поднесена во декември.
Жерар Депардје последниве години беше во центарот на вниманието поради симпатиите кон Владимир Путин, а во 2013 година рускиот претседател лично му врачи пасош и го „почести“ со руско државјанство.