Во Франција, националниот празник Денот на падот на Бастилја утре ќе биде одбележан со традиционална воена парада на познатата авенија Шанзелизе во Париз.
„Никој не очекуваше дека војната ќе се врати на европско тло и затоа воената парада ќе биде во навистина сериозна атмосфера“, објави францускиот ТВ канал TF1, додавајќи дека Франција се навикнала на мир од крајот на Втората светска војна, како и на фактот дека нуклеарното одвраќање спречува војна меѓу народите.
Министерството за одбрана ја објави деталната програма на воената парада. Претседателот на Франција Емануел Макрон, како и обично, од 10 часот ќе претседава со церемониите во присуство на членови на владата и на армијата.
Овогодинешниот слоган на парадата е „Споделување на пламенот“, а се очекува да учествуваат околу 6.400 луѓе кои ќе маршираат по авенијата Шанзелизе, од Триумфалната капија до плоштадот Конкорд.
Меѓу учесниците ќе има и припадници на армијата, морнарицата, воздухопловните сили, полицијата, жандармеријата, противпожарната служба, коњаницата, како и припадници на Легијата на странците, 65 авиони и 26 хеликоптери ќе го надлетуваат небото на Париз.
Предвидено е учество на бретонскиот музички ансамбл Bagad de Lann-Bihoue со 30 музичари кои свират на гајда, ударни и други необични инструменти. Тој ансамбл ја претставува француската морнарица на домашни и меѓународни настани.
Пешадискиот дел од парадата ќе им оддаде почит на нациите од Источна Европа, како и на членовите на различни воени училишта од цела Франција.
На крајот од парадата, Макрон ќе даде интервју за најголемите телевизии TF1 и France 2 околу 13:30 часот. Неговото последно телевизиско обраќање беше на 22 јуни, по вториот круг од парламентарните избори на кои неговите центристи освоија најмногу гласови, но не и апсолутно мнозинство.
Во текот на вечерта планиран е огномет кај Алфеловата кула. Во многу градови во Франција ќе биде организиран огномет.