Само неколку дена по инцидентот со железницата пред церемонијата на свеченото отворање на Олимпијадата, Франција се соочува со нови инфраструктурни саботажи. Во текот на ноќта во неколку региони биле исечени оптичките кабли.
Оптичките кабли во Франција беа исечени во координиран напад, што претставува дополнителна безбедносна закана за време на Олимписките игри во Париз.
Во неколку региони на Франција, вклучувајќи ги Буш-ду-Рон, Од, Оаз, Еро, Мез и Дром, дошло до прекин на оптичките кабли во текопт на ноќта, соопштија француските провајдери. Нападот се случил околу 02:15 часот, а според Николас Гијом, извршен директор на интернет провајдерот Неталис, станува збор за голема саботажа.
Меѓу погодените провајдери се SFR, Bouygues и Free, додека Orange, официјалниот телекомуникациски провајдер за Олимписките игри, избегна штета.
Секретарката за дигитални прашања, Марина Ферари, ги осуди „кукавичките и неодговорни“ напади.
Инфраструктурните напади доаѓаат само неколку дена откако координираните пожари ги прекинаа брзите железнички мрежи за време на отворањето на Олимпијадата, пишува Аксиос.
Францускиот министер за внатрешни работи, Жерар Дарманен, рече дека полицијата ги идентификувала потенцијалните профили на осомничените, навестувајќи дека екстремно левичарските активисти можеби се одговорни за нападите, иако тој не даде конкретни докази за овие тврдења.