Фондот за здравствено осигурување на Република Северна Македонија (ФЗОРСМ) попладнево соопшти дека пациентите ќе можат да се лекуваат непречено и покрај техничките проблеми и сајбер нападот со кој се соочува институцијата, поради кој не се во функција дел од ИТ системите.
– И покрај детектираните технички проблеми и нефункционалности на дел од електронскиот систем, пациентите ќе можат и понатаму непречено да се лекуваат на сите клиники како и преку матичните лекари кои можат да вршат прегледи, да издаваат упати и рецепти кои се подигнуваат во аптеките без застој – соопшти ФЗОРСМ.
– Приоритет се дава на најбрзо можно враќање во функција на системот за исплата на боледувањата, породилното и рефундациите, а ФЗОРСМ веќе има издадено упатства кон подрачните служби за решенија со кои граѓаните тековно ќе ги остваруваат своите права. Во интерес на прецизно информирање на граѓаните, во најбрз можен рок, и штом се утврдат повеќе информации, јавноста ќе биде навремено известена – наведуваат од Фондот.