Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен на настан организиран од Европската агенција за одбрана денеска најавби дека ЕУ следната година може да произведе еден милион проектили.
Фон дер Лајен додаде дека ЕУ веќе испорачала или во моментов произведува 480.000 проектили за Украина.
Претседателката на Европската комисија ја истакна потребата да се зголеми европското воено производство за да се задоволат потребите на украинските сили и да се надополнат залихите на ЕУ. Според неа, неопходно е нарачките да ги исполнуваат европските компании за да се прекине постоечката зависност од увоз.
Војната во Украина вклучува трошење повеќе воена опрема од која било друга војна до сега. Од почетокот на војната, Русија истрела 10 милиони проектили годишно, Украина користи 10.000 беспилотни летала месечно, истакна претседателката на ЕК.
-Вистината е дека немавме доволно резерви на муниција бидејќи мислевме дека не ни е потребна. Вооружените сили на земјите од ЕУ мора да бидат подготвени да се спротивстават на секакви закани. Потребен е посилен европски придонес во активностите на НАТО – рече Фон дер Лајен.
Претседателката на ЕК истакна дека тоа е стратешка одговорност не само кон Украина, туку и кон земјите од Западен Балкан.
– Променетата стратешка средина ја наметнува одговорноста на ЕУ да ја поддржи Украина во војна онолку долго колку што е потребно. Нема да биде лесно, но нашата посветеност мора да биде непоколеблива. Русија се обидува да ја врати иницијативата, ситуацијата на бојното поле е тешка. Ова не е причина за намалување, туку за зголемување на поддршката за Украинците. Путин нема целосна контрола над анектираните украински области – додаде Фон дер Лајен.