Музејот во Фиренца каде се наоѓа познатиот Давид од 1504 година, ги покани учениците од училиште во Флорида да дојдат на посета и сами да се уверат дека во скулптурата нема ништо порнографско. Претходно, директорката на ова американско училиште беше притисната да даде отказ по поплаките од родителите чии деца, шестооделенци, ги известиле за „контроверзијата“ во нивниот учебник, пишува Политико.
Директорката, Хоуп Караскила, изјави дека двајца од родителите се пожалиле затоа што не биле однапред известени дека ќе биде прикажан гол маж, додека третиот ја нарекол познатата скулптура порнографска.
Таа во телефонско интервју во неделата рече дека е „многу почестена“ од поканите за Италија и дека можеби ќе прифати. Директорката ги покани училишниот одбор, родителите и учениците да ја видат „чистотата“ на статуата.
Караскила не е сигурна дека би се вратила на работа дури и ако ѝ биде понудено.
Марла Стоун, раководителка на хуманистичките студии на Американската академија во Рим, рече дека инцидентот е уште една епизода во ескалацијата на културните војни во САД.
„Она што го имаме овде е морална крстоносна војна против телото, сексуалноста и родовото изразување и непознавање на историјата“, одговорила таа во е-мајл.
„Инцидентот е околу стравот, стравот од убавина, од различност и од можностите вградени во уметноста“.
Микеланџело Буонароти го вајал Давид од 1501 до 1504 година, откако скулптурата била нарачана од катедралата во Фиренца. Статуата помага да се привлечат 1,7 милиони посетители секоја година во музејот.
– Неверојатно е барана од Американците кои сакаат да прават селфи и да уживаат во убавината на оваа статуа – вели Сесилија Голдберг, директорката на музејот Академија.
Музејот, како и многу други во Европа, е бесплатен за студентски групи.
Училиштетот Калахаси во Флорида каде се случи целата контроверзија е чартер училиште, кое функционира независно од локалната власт. Програмата ја црпи од терк направен од Колеџот Хилсдејл, кој се смета за стриктно христијанско училиште.