Американскиот Совет за надзор на финансиската стабилност (ФСОЦ) во својот годишен извештај наведува дека зголемената употреба на вештачката интелигенција во финансиските услуги е „ранливост“ за следење.
„Вештачката интелигенција нуди ветување за намалување на трошоците, подобрување на ефикасноста, идентификување посложени односи и подобрување на перформансите и точноста, но таа исто така може да „воведе одредени ризици, вклучувајќи ги и безбедносните и доверливите ризици, како што се кибер ризиците и ризиците за моделот“ – се наведува во извештајот на ФСОЦ.
ФСОЦ, кој беше формиран по финансиската криза во 2008 година за да ги идентификува прекумерните ризици во финансискиот систем, предупреди дека развојот на вештачката интелигенција треба да се следи за да се обезбеди дека надзорните механизми „ги земаат предвид новите ризици“ истовремено олеснувајќи ја „ефикасноста и иновативноста“.
Властите, исто така, мора да ја „продлабочат експертизата и капацитетот“ за следење на ситуацијата на теренот, се посочува во извештајот на ФСОЦ.
Американската министерка за финансии Џенет Јелен, која претседава со ФСОЦ, рече дека прифаќањето на вештачката интелигенција може да се зголеми бидејќи финансиската индустрија ги прифаќа новите технологии, а Советот ќе има улога во следењето на „ризиците што се појавуваат“.
-Поддршката на одговорните иновации во оваа област може да му овозможи на финансискиот систем да реализира придобивки како што е зголемената ефикасност, но постојат и принципи и правила за управување со ризик кои треба да се применат – рече Јелен.