Управата за финансиска полиција поднела претставка до јавниот обвинител во врска со претресот што истражители од Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал минатата недела го извршиле во просториите на институцијата по наредба издадена од судија на претходна постапка од Основниот кривичен суд – Скопје, врз основа на претходно доставено барање Обвинителството.
Како што соопшти денеска Управата за финансиска полиција, на истражителите од ОЈО на 18 јули им бил дозволен непречен пристап во просториите на Управата, како и непречено извршување на наредбата, иако нејзината содржина, како што тврдат, не ги исполнувала формалните и материјалните-суштински основи за да биде издадена.
Според Управата за финансиска полиција, со наведените дејствија е нанесена голема штета на угледот на институцијата, на сите нејзини вработени и на угледот и интегритетот на нејзиниот директор, како и „намалување на довербата на граѓаните во правосудниот систем и рушење на темелите на една правна држава“.
„Видно од наредбата воопшто не е јасно по кои индиции и докази се водел подносителот на барањето за наредба за претрес, а воедно и судијата кој што таквата наредба ја издал. Наведеното упатува на тоа дека при издавањето на наредбата, од страна на судијата на претходна постапка запазена е само формата, но не и суштината за да се издаде наредба за примена на ваква инвазивна мерка, каква што е претресот“, се наведува во соопштението од Управата.
Од содржината на наредбата, според Финансиската полиција, може да се констатира дека таа е „воопштена, нејасна и остава простор за слободно толкување“, што упатува на тоа дека подносителот на барањето за претрес ОЈО ГОКК „не располага со јасна и конкретна цел каков доказен материјал со примената на ваквата мерка сакал да обезбеди, а со кој само дополнително би го зајакнале основаното сомнение и би го комплетирале веќе обезбедениот доказен материјал за некакво сторено кривично дело“.
„Според наредбата за претрес, претресот се спроведува „поради постоење на основано сомнение дека е сторено кривично дел. Согласно член 21 точка 15 од Законот за кривична постапка, ‘основано сомневање е повисок степен на сомневање заснован врз прибавените докази кои упатуваат на заклучок дека определено лице сторило кривично дело’, а од друга страна јавноста е сведок на изјавите на шефицата на ОЈО ГОКК објавени во медиумите во кои самата изјавува дека нема осомничени лица, односно дека “…чекаме да видиме дали има нешто основано во пријавата’“, се посочува во соопштението.
Дополнително, според Управата, претресот е апсолутно непотребен, имајќи предвид дека согласно своите надлежности Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал може во кој било момент да ѝ се обрати и со само едно барање да го добие кој било предмет или документ за кој што е заинтересирано и за кој смета дека му е потребен.
„Токму поради суштествените недостатоци на наредбата за претрес, начинот на постапувањето при спроведување на истата, низата недоследности, нелогичности, излегувањето надвор од рамките на законската пракса, како и неоснованоста за примена на мерката претрес, кои упатуваат на прилично самоволие во постапувањето на ОЈО ГОКК, од страна на Управата за финансиска полиција до Јавниот обвинител на Република Северна Македонија поднесена е претставка, согласно своите законски надлежности да го испита постапувањето на наведеното обвинителство во конкретниот случај“, информираат од Управата за финансиска полиција.